Почина Роџер Корман, „Кралот на Б-филмот“ кој помогна да се создадат нискобуџетните класици како „Мала продавница на ужаси“ и „Нападот на чудовишните ракови“ и им даде први шанси на многу од најпознатите холивудски актери и режисери. Имаше 98 години.
Корман почина во четвртокот во својот дом во Санта Моника, Калифорнија, објави семејството. „На прашањето како би сакал да биде запаметен, тој рече: ‘Бев филмаџија, само тоа’“, рекоа неговата сопруга и ќерките.
Почнувајќи од 1955, Корман помогна да се создадат стотици Б-филмови како продуцент и режисер, меѓу кои „Црн скорпион“, „Крвава кофа“ и „Крвава мама“. Со извонреден осет за таленти, тој ангажираше амбициозни филмаџии како Френсис Форд Копола, Рон Хауард, Џејмс Камерон и Мартин Скорсезе. Во 2009, Корман доби почесен Оскар.
„Има многу ограничувања поврзани со работењето со низок буџет, но во исто време има и одредени можности“, рече Корман во документарецот од 2007 за Вал Левтон, режисерот на „Луѓе мачки“ од 1940-тите и други андерграунд класици. „Можете да се коцкате уште малку. Можете да експериментирате. Мора да најдете покреативен начин да решите проблем или да претставите концепт“, рече тој.
Корените на златното доба на Холивуд во 1970-тите може да се најдат во филмовите на Корман. Џек Николсон го имаше своето филмско деби како насловниот лик во „Убиец плачко“ на Корман од 1958, и остана во компанијата за моторџиски, хорор и акциони филмови, пишувајќи и продуцирајќи некои од нив. Меѓу актерите чии кариери започнаа во филмовите на Корман беа Роберт Де Ниро, Брус Дерн и Елен Бурстин. Појавувањето на Питер Фонда во „Дивите ангели“ беше претходник на неговиот значаен филм за моторџии, „Голи в седло“, во кој глумат Николсон и неговиот колега од кај Корман, Денис Хопер. „Фургонот Берта“, со Барбара Херши и Дејвид Карадин во главните улоги, беше ран филм на Скорсезе.
Режисерите на Б-филмовите на Корман добивале мали буџети и честопати им било кажано да ги завршат своите филмови за само пет дена. Кога Хауард, кој ќе добие Оскар за најдобар режисер за „Прекрасен ум“, во 1977 замолил за дополнителен половина ден за повторно снимање на сцена за „Големиот грабеж на коли“, Корман му рекол: „Рон, можеш да се вратиш, ако сакаш, но никој друг нема да биде таму“.
Првично, само драјв-ин и специјализирани кина прикажуваа филмови на Корман, но кога тинејџерите почнаа да ги гледаат, попуштија и големите кина. Филмовите на Корман беа отворени за нивното време за секс и дрога, како што е неговиот „Трип“ од 1967, експлицитна приказна за ЛСД напишана од Николсон, а во која главните улоги ги играат Фонда и Хопер.
Во меѓувреме, Корман откри профитабилен спореден бизнис со дистрибуција на престижни странски филмови во САД, меѓу кои „Крици и шепотења“ на Ингмар Бергман, „Амаркорд“ на Федерико Фелини и „Лимениот барабан“ на Волкер Шлондорф. Последните двајца добија Оскар за најдобар странски филм.
Некои од неговите поранешни вработени му се оддолжија за неговата добрина многу години подоцна. Копола му даде улога во „Кум II“, Џонатан Деми гво „Кога јагнињата ќе стивнат“ и „Филаделфија“, а Хауард му даде улога во „Аполо 13“.