Најголемиот проект за уривање брана во историјата на САД е во тек долж границата на Калифорнија со Орегон – процес што ќе заврши до крајот на следната година со помош на тешка механизација и експлозиви. Но, на некој начин, отстранувањето на бранита е полесниот дел. Тешкиот дел ќе дојде во текот на следната деценија бидејќи работниците, во партнерство со домородните американски племиња, садат и надгледуваат речиси 17 милијарди семиња додека се обидуваат да ја вратат реката Кламат и околната земја на она што беше пред да се кренат браните пред еден век.
Уривањето е дел од националното движење за враќање на природниот тек на реките и враќање на живеалиштата за рибите и екосистемите што го одржуваат другиот див свет. Повеќе од 2.000 брани се отстранети во САД до февруари годинава, а најголемиот дел од тие се срушени во последните 25 години, според групата за застапување „Американски реки“. Отстранувањето на четири хидроелектрични брани долж реката Кламат е најголемиот триумф на движењето и неговиот најголем предизвик. Кога ќе заврши уривањето до крајот на следната година, повеќе од 64о километри река ќе бидат отворени за загрозените видови риби и други диви животни. За споредба, 65-те брани отстранети во САД минатата година заедно повторно поврзаа 692 километри реки.
Проектот ќе испразни три резервоари на околу 9 квадратни километри во близина на границата Калифорнија-Орегон, изложувајќи ја почвата на сончева светлина на некои места за првпат по повеќе од еден век. Во изминатите пет години, индијанските племиња рачно собираа семиња и ги испраќаа во расадници со планови да го посеат семето покрај бреговите на новата дива река. Хеликоптерите ќе донесат стотици илјади дрвја и грмушки за засадување покрај бреговите, вклучително и кори од дрвја за да создадат живеалиште за рибите.
Овој раст обично трае со децении за да се случи природно. Но, властите го притискаат копчето на природата за брзо напредување, бидејќи се надеваат дека ќе ја одбијат инвазијата на странски растенија, како што е ѕвездестиот трн, кои доминираат во пејзажот на сметка на домашните растенија.