Повеќе од 500.000 луѓе од американската сојузна држава Орегон се принудени да бегаат од катастрофалните пожари кои пустошат низ Пацифичкиот Северозапад, објавија властите.
Потпомогнати од суви, топли ветрови, десетици пожари моментално се активни низ државата и се верува дека барем еден од нив е подметнат. Гувернерката Кејт Браун изјави дека најмалку четири лица загинале, но стравува дека бројот на жртвите ќе биде поголем.
Повеќе од 100 пожари моментално горат во 12 сојузни држави на американскиот запад, при што се уништени цели градови.
Агенцијата за вонредни состојби на Орегон потврди дека повеќе од 10% од 4,2 милиона жители на Орегон биле принудени да ги напуштат своите домови.
„Никогаш досега не сме виделе толкаво количество нескротени пожари низ државата. Ова нема да биде еднократен настан, ова ќе се повторува во иднина како последица на климатските промени“, изјави Браун.
Се верува дека еден од најуништувачките пожари, Алмеда, е подметнат. Тој се поврзува со два смртни случаи и досега уништи стотици домови во градовите Феникс и Талент.
Во Калифорнија се пронајдени десет тела во изминатите два дена, а 64.000 луѓе добиле наредба за евакуација.