Полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека неговата влада планира привремено да го суспендира правото на азил, како дел од нова стратегија за борба против нелегалната миграција. Туск вели дека шверцерите на луѓе, потпомогнати од Белорусија и Русија, го злоупотребуваат правото на азил.
Од 2021 година наваму, во Полска е драстично зголемен бројот на мигранти од Блискиот Исток, Африка и Азија, кои нелегално ја преминуваат границата од Белорусија.
Варшава ги обвинува Белорусија и Русија за хибридна војна, насочувајќи го напливот на мигранти кон Европската унија, во обид да го дестабилизира блокот. Двете земји ги негираат овие обвинувања.
„Еден од елементите на миграциската стратегија ќе биде привремена суспензија на правото на азил“, кажа Туск во пресрет на владина седница на 15 октомври.
Според меѓународното право, земјите се обврзани да им понудат на луѓето право да бараат азил. Туск не кажа како ќе го образложи потегот пред неговите партнери од ЕУ.
„Многу добро знаеме како тоа се користи од Лукашенко, Путин… од шверцерите на луѓе, како ова право на азил се користи против суштината на правото на азил. Полска мора да преземе стопроцентна контрола врз тоа кој доаѓа во Полска“, додаде Туск.
Многу од мигрантите кои влегуваат во Полска од Белорусија не остануваат, туку продолжуваат кон Германија. Поради овој тренд, Германија воведе проверки на границата со Полска.