ПОМОГНЕТЕ НИ ДА ЈА ЗАВРШИМЕ ВОЈНАТА ДО ЗИМАТА, ИМ КАЖА ЗЕЛЕНСКИ НА ЛИДЕРИТЕ НА Г7

    ПОМОГНЕТЕ НИ ДА ЈА ЗАВРШИМЕ ВОЈНАТА ДО ЗИМАТА, ИМ КАЖА ЗЕЛЕНСКИ НА ЛИДЕРИТЕ НА Г7Зеленски преку видеоврска учествуваше ма самитот на Г7 во баварските Алпи (Фото: АП)

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара противвоздушни системи и безбедносни гаранции во своето видеообраќање на самитот на Г7 во Германија и ги повика членките на групата да помогнат војната да заврши до зимата.

    „Сакаме војната да заврши пред доаѓањето на зимата. Условите за борба потоа ќе станат многу потешки. Дајте сè од себе за војната да заврши до крајот на годината“, кажа Зеленски.

    Тој им порача на лидерите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, кои ја сочинуваат групата, да продолжат да ја притискаат Русија и да ги засилат санкциите.

    На тридневниот самит во баварските Алпи, лидерите на Г7 ќе ѝ ветат на Украина дека ќе ја поддржуваат финансиски, хуманитарно, воено и дипломатски сè додека е потребно, велат од Белата куќа. Во тој поглед, САД оваа недела треба да објават дека ќе ѝ испратат напредни проектили земја-воздух со среден и долг дострел.

    Германскиот канцелар Олаф Шолц кажа дека членките на Г7 остануваат обединети во поддршката на Украина, но и внимателни да не го влошат конфликтот.

    „Носиме тешки одлуки за да ѝ помогнеме на Украина, додека истовремено се трудиме да избегнеме голем конфликт помеѓу НАТО и Русија. Г7 ќе продолжи да врши притисок врз Путин“, изјави Шолц.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира