Во тек е спасувачка операција за евакуација на луѓето од плажите во Сивири и Фурка поради активниот пожар на првиот крак на Халкидики.
Досега, преку море се евакуирани вкупно 481 лице, туристи и локални жители, меѓу кои има повозрасни лица и деца. Според информациите од грчката крајбрежна стража, 285 лица се пренесени до марината Сани, додека 196 патници се превезени до пристаништето во Солун со брз брод.
Во акцијата учествуваат пловила на крајбрежната стража, противпожарната служба, како и приватни и рибарски бродови. Девет приватни пловила доброволно помагаат во транспортот. Заменик-портпаролот на противпожарната служба Јанис Артопојос изјави дека сите кои се наоѓаат на крајбрежјето се евакуираат исклучиво по морски пат.
Претходно беа испратени пораки за евакуација од Фурка кон Неа Скиони и од регионот на Сивири кон Касандрија.



