Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин ја изрази подготвеноста на Анкара да биде домаќин на разговорите за прекин на огнот меѓу Русија и Украина, соопшти денеска турското претседателство на X. Путин претходно повика на „директни разговори“ со Украина на 15 мај во Истанбул, а украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев е „подготвен да се сретне“ и очекува Москва да „потврди прекин на огнот – целосен, траен и сигурен“, почнувајќи од 12 мај.
Путин посочи дека секој прекин на огнот е прашање на разговорите што тој ги предложи за Истанбул следниот на 15 мај. Неколку минути откако ноќеска Путин го соопшти повикот за преговори во ТВ-обраќање, високиот помошник на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека разговорите мора да го земат предвид и напуштениот нацрт-мировен договор од 2022 и моменталната ситуација на теренот – односно дека Киев треба да се се согласи на постојана неутралност во замена за безбедносна гаранција и да прифати дека Русија контролира делови од Украина.
Ердоган му рекол на Путин дека неговата изјава е „добредојдена“ и дека „Турција е подготвена да биде домаќин на преговорите што ќе обезбедат постигнување трајно решение“, соопшти претседателството. Тој додаде дека „отворен прозорец на можности за постигнување мир“ и „сеопфатен прекин на огнот ќе ја создадат потребната средина за мировни разговори“.
Ердоган денеска разговараше и со францускиот претседател Емануел Макрон, изразувајќи ја подготвеноста на Анкара „да понуди каков било придонес, вклучително и домаќин на преговорите за прекин на огнот и траен мир“.
Полскиот премиер Доналд Туск, кој вчера беше во Киев на средба со Зеленски заедно со Макрон, Мерц и Стармер, на Х денеска го повтои повикот Русија да се согласи на 30-дневен безусловен прекин на огнот кој би почнал утре.
„Како одговор на нашиот апел, Русите предложија мировни преговори да започнат на 15 мај. Светот, сепак, чека едногласна одлука за итен и безусловен прекин на огнот. Украина е подготвена. Да нема повеќе жртви!“, вели Туск.
Путин не го отфрли предлогот за 30-дневен прекин на огнот, но неговата контрапонуда за разговори се чини дека е „не“ без директно да го каже тоа. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, исто така, вели дека Путин сака преговорите за „основните причини“ на конфликтот да се случат пред да се постигне каков било прекин на огнот. Рано утринава, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека предлогот на Путин за разговори покажува оти рускиот претседател има „вистинска намера“ да најде мирно решение. Според руската државна новинска агенција ТАСС, Песков за рускиот медиум Канал 1 изјави дека изјавата на Путин е многу сериозен предлог за мир и дека мирот може да се постигне само со сериозни преговори.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја нарече понудата на претседателот Путин за разговори со Украина „далеку од доволна“. Објавувајќи на X, тој рече дека подготвеноста на Русија да разговара е „добар знак“, но оти европските лидери очекуваат Москва да се согласи на прекин на огнот.
„Прво, пушките мора да замолчат пред да започнат разговорите“, рече Мерц.