Саат-кулата од 13. век за чудо сѐ уште се извишува среде урнатините во Аматриче со времето замрзнато на 3.36 часот, како морничав потсетник на точниот момент кога земјотресот го срамни со тлото италијанското историско гратче.
Успеа да го издржи земјотресот од 6,2 степени по Рихтеровата скала што ја погоди централна Италија во средата. Остатокот од малото планинско гратче ја немаше таа среќа.
„Градот го нема повеќе“, рече градоначалникот на Аматриче Серџо Пироци за гратчето со 2.000 жители.
Земјотресот се случи непосредно пред да се одржи Фестивалот на шпагетите „Ал Аматричана“ што беше закажан за на 27 и 28 август. 50. издание на фестивалот требаше да привлече многу туристи во гратчето познато како „родното место на пастата Аматричана“.
Сосот за тестенини од домати е многу популарен во римските тратории и традиционално содржи и пушено свинско месо, маслиново масло, бело вино, чили и пекорино кашкавал.
Во 2008 година Италија издаде поштенска марка во чест на славниот рецепт.
„Аматричана“ потекнува од зелените пасишта на ридовите над Аматриче кога овчарите носеле кашкавал и свинско месо со нив за време на долгиот престој далеку од дома и го готвеле сосот во железни тенџериња. Пастата е толку позната што многу од готвачите на католичките папи потекнуваат од ова гратче.
Аматриче и соседните гратчиња се сместени во зафрлениот планински регион во централна Италија што е особено популарен за туристи во летните месеци.
„За време на одморите овде има многу луѓе, па затоа не знаеме колку точно луѓе се погодени од земјотресот“, рече Томасо дела Лонга, портпарол на Црвениот крст.
„Можно е да станува збор за околу десет илјади луѓе, но не го знаеме точниот број.“
Аматриче исто така е домаќин на елитната велосипедска трка Тирено-Адријатико што се одвива од брегот на Тиренско до брегот на Јадранско Море.
Аматриче е познато и по црквата Сант’Агостино во североисточниот дел на гратчето, во близина на капијата на градските ѕидини од 14. Век. Во црквата се наоѓаат две познати слики, „Богородица со дете и два ангели“ (1492) и „Благовештение“ (1491).
Рецепт за „аматричана“ според канцеларијата на градоначалникот на Аматриче
Состојки (за 4 лица): 500 грама шпагети, 125 грама чадено свинско од Аматриче, една лажица маслиново масло, малку суво бело вино, шест или седум домати Сан Марцано или 400 грама лупени домати од конзерва, малку чили, 100 грама кашкавал пекорино од Аматриче, сол по вкус.
Подготовка: Ставете ги маслото, чилито и месото, кое треба да биде исечено на мали парчиња во метална тава. Потпржете ги состојките во тавата. Додадете го виното.
Излупете ги доматите и отстранете ги семките и додадете ги во тавата. Посолете и оставете го сосот да се готви на топлина неколку минути.
Во меѓувреме, во солена вода сварете ги шпагетите додека не бидат ал денте. Процедете ги и ставете ги во сад. Додадете им го кашкавалот. Почекајте неколку секунди и потоа додадете го сосот во садот. По желба, може да се додаде уште кашкавал по сервирањето.