Русија изврши серија воздушни напади врз Киев во текот на ноќта, во најголемиот напад со беспилотни летала врз градот од почетокот на војната, додека главниот град на Украина се подготвува денеска да ја прослави годишнината од неговото основање. Воздухопловните сили на Украина соопштија дека собориле 52 од 54-те дронови лансирани од Русија, и рекоа дека ова е рекорден напад со беспилотни летала „камиказе“ од Иран. Засега не е јасно колку од беспилотните летала биле соборени над Киев. Во нападот има една жртва.
Серхи Попко, шеф на воената администрација на Киев, рече дека нападот бил извршен во неколку бранови, а воздушните тревоги траеле повеќе од пет часа. Нападите пред зори се случија во последната недела од мај, кога главниот град го слави Денот на Киев, годишнината од неговото официјално основање пред 1.541 година. Денот обично се одбележува со улични саеми, концерти во живо и специјални музејски изложби – кои се планираат и оваа година, но во помал обем.
Воздухопловните сили објавија на Телеграм дека Русија цели на воени и критични инфраструктурни објекти во централните региони на Украина, а особено во регионот на Киев.
Поради престојната украинската контраофанзива, на 15 месеци од почетокот на војната Москва ги интензивираше воздушните напади по затишје од речиси два месеца, насочени главно кон воени локации и резерви. Бранови напади сега има неколку пати неделно.
Нападите денеска се случија откако Киев соопшти дека борбените судири се намалиле околу опколениот град Бахмут во југоисточна Украина, местото на најдолгата битка во војната.