Грузиската претседателка Саломе Зурабичвили ги повика луѓето да излезат на улиците за да протестираат против резултатите од спорните парламентарни избори, на кои изборната комисија соопшти дека победила владејачката партија. Партијата „Грузиски сон“ освои речиси 54 отсто од гласовите, соопшти комисијата, а опозициските партии го оспорија резултатот и набљудувачите на гласањето пријавија значителни прекршувања.
Зурабичвили, поранешена сојузничка на „Грузиски сон“ која стана жестока критичарка на владејачката партија, рече дека не ги признава резултатите и го нарече гласањето „руска специјална операција“. Таа не појасни дали верува оти Русија има директна улога во изборите.
„Тоа беше целосна измама, целосно одземање на вашите гласови“, рече Зурабичвили, опкружени од водачите на грузиската опозициска партија.
Зурабичвили ги повика Грузијците утревечер да протестираат во центарот на главниот град Тбилиси „за да му објават на светот дека не ги признаваме овие избори“.
Резултатите, со речиси сите пребројани области, беа удар за прозападните Грузијци кои ги сметаа изборите како избор помеѓу владејачката партија која ги продлабочи врските со Русија и опозицијата која има за цел да ја забрза интеграцијата со Европската Унија.
„Грузиски сон“, која сега го доби четвртиот мандат на функцијата, ќе добие 89 места во парламентот, едно помалку отколку што обезбеди во 2020, соопшти комисијата, додека четири прозападни опозициски партии добија вкупно 61 место.
Низа прекршувања беа пријавени денеска од три одделни набљудувачки мисии, меѓу кои и 57-члената Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Групите рекоа дека наводните прекршувања, вклучително полнење гласачки кутии, поткуп, заплашување гласачи и насилство во близина на избирачките места, можеле да влијаат на резултатот, но сепак не го квалификуваа за лажен изборниот исходот.
„Продолжуваме да изразуваме длабока загриженост за демократското назадување во Грузија“, рече Антонио Лопез-Истуриз Вајт, шеф на делегацијата на Европскиот парламент во мисијата на ОБСЕ. „Спроведувањето на вчерашните избори, за жал, е доказ за тоа“, изјави тој.
Во објавата на X, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја повика грузиската Изборна комисија целосно да ги истражи пријавените прекршувања.