ПРЕТСТОИ ДОЛГА БИТКА СО КОВИД-19, СИГУРЕН ЛЕК ИЛИ ВАКЦИНА МОЖЕБИ НИКОГАШ И ЌЕ НЕМА, ВЕЛАТ ОД СЗО

    ПРЕТСТОИ ДОЛГА БИТКА СО КОВИД-19, СИГУРЕН ЛЕК ИЛИ ВАКЦИНА МОЖЕБИ НИКОГАШ И ЌЕ НЕМА, ВЕЛАТ ОД СЗОШпанија е меѓу земјите кои мислеа дека го поминале најлошото, но вирусот одново се враќа и најмногу се шири меѓу средовечните и младите луѓе во северниот дел на земјата. (Фото АП)

    Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека можеби никогаш нема да има сигурен лек за коронавирусот во вид на спасоносна вакцина и дека патот до нормалноста ќе биде долг, а некои земји мора да ја ресетираат стратегијата за заштита. Над 18,14 милиони луѓе се заразени од ковид-19 во светот, а над 688.000 починале, а во некои земји кои мислеа дека го поминале најлошото вирусот одново се враќа.

    „Во моментов немаме конечно решение за вирусот, и можеби никогаш нема ни да има“, предупреди генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

    Тедрос и директорот на СЗО за итни програми Мајк Рајан ги повикаа сите нации строго да ги спроведат здравствените мерки како што се носење маски, физичко растојание, миење на рацете и тестирање.

    „Пораката до луѓето и владите е јасна: Направете сè“, рече Тедрос на брифинг во Женева. Тој рече дека маските треба да станат симбол на солидарноста ширум светот.

    Рајан рече дека земјите со висок степен на трансмисија, меѓу кои се и Бразил и Индија, треба да водат голема битка.

    „Излезот е долгорочна и постојана посветеност“, истакна тој.

    Претставниците на СЗО изјавија дека тимот за истражување на СЗО, кој бил испратен во Кина од каде потекнува вирусот, сè уште не се вратил.

    Тедрос исто така ги повика мајките да продолжат со доењето на своите деца и ако имаат Ковид-19, затоа што придобивките значително го надминуваат ризикот од зараза.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира