Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, предупреди на каприциозните акции на Доналд Трамп, додека лидерите на Европската Унија се подготвуваат да дискутираат како да реагираат по излегувањето на САД од иранскиот нуклеарен договор и на заканите од новите тарифи на челикот.
„Ако ги погледнете последните потези на Доналд Трамп, некој би можел да помисли дека со такви пријатели не ти требаат непријатели. Благодарение на каприциозниот Трамп, ние се ослободивме од сите илузии. Сфативме дека ако ни треба помош, мора сами да го направиме тоа. Мора да бидеме подготвени сами да дејствуваме“, изјави Туск во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ во Софија.
Таму, меѓу другото, ќе се дискутира за тоа како Европската Унија да реагира на заканите од Трамп дека ќе им наметне санкции на европските компании кои ќе продолжат да соработуваат со Иран. Туск кажа дека ќе се бараат начини како да се заштитат компаниите од САД.
„Европската комисија ќе биде подготвена да реагира секој пат кога ќе бидат нападнати европските интереси. Апсурдно е да се верува дека Европската Унија би можела да биде закана за САД“, изјави Туск.