Германската канцеларка Ангела Меркел ќе го пропушти отварањето на Самитот Г20 во Аргентина поради сериозни проблеми што го принудија нејзиниот авион на принудно слетување. Таа во главниот град на Аргентина сакаше да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и со рускиот претседател Владимир Путин.
Владиниот авион од типот „Ербас А340“ со кој Ангела Меркел и германската делегација патуваа на Самитот во Буенос Аирес мораше да слета кусо по полетувањето од Берлин на аеродромот во Келн/Бон. Патувањето требаше да трае 15 часа. Капетанот ги известил патниците дека има проблеми со „неколки електронски системи“.
„Тоа беше сериозен проблем“, изјави Меркел неколку часа по принудното слетување, откако делегацијата беше сместена во хотел во Бон. „За среќа имаме извонреден екипаж и искусен пилот“, изјави канцеларката.
Меркел и останатите патници, меѓу кои и министерот за финансии Ото Шолц по слетувањето во Келн останале во авионот околу 70 минути додека екипи ги испитувале кочниците на авионот, бидејќи имал „тешко слетување“, а околу биле паркирани десетина противпожарни возила. Потоа било одлучено канцеларката и делегацијата да преспијат во хотел со четири ѕвездички во Бон. Денеска таа и дел од делегацијата ќе летаа со друг владион авион до Мадрид, а потоа со редовна линија на комерцијална компанија за Буенос Аирес. Нејзиниот сопруг се откажал од патувањето, а канцеларката ќе пропушти некои средби.
Магазинот „Шпигел“ објави дека паднал целиот комуникациски систем на авионот, што предизвикало сериозна опасност, па екипажот слетал во Келн со помош на сателитски телефон.