Едно лице почина, а над 40 се повредени во големиот шумски пожар кај хрватскиот град Омиш, што почна вчера. При прегледот на опожареното подрачје е пронајдено едно тело, чиј идентитет засега не е потврден.
Седуммина од повредените се во животна опасност и се ставени на респиратор, изјави министерката за здравство Ирена Хрстиќ. Четворица од нив се префрлени на лекување во Загреб, вклучувајќи 17-годишна девојка.
Бројни објекти, возила и пловила изгореле во пожарот кој избувнал кај местото Локва Рогозница, по што се прошири кон Омиш и го зафати подрачјето над самиот град. Властите кажаа дека е причинета огромна материјална штета.
„Ова е ужасен настан. Природен, а можеби и не е само природен“, кажа хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, сугерирајќи дека пожарот можеби е подметнат.
Официјални лица изјавија дека се евакуирани 1.200 локални жители и туристи. Речиси 200 луѓе ноќеска беа спасени од морето во Омиш откако бегале од огнот.
Иако властите утрово кажаа дека ситуацијата е смирена и пожарот е ставен под контрола, огнот повторно се разгорел во попладневните часови и се стравува од негово ново ширење поради засилувањето на ветровите.



