ПРОТЕСТИ ВО ПРИШТИНА ПО ПРЕСУДАТА ЗА ХАШИМ ТАЧИ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА, КОСОВО И АЛБАНИЈА ВЕЛАТ ДЕКА ОДЛУКАТА Е СРАМНА И НЕПРАВЕДНА

    ПРОТЕСТИ ВО ПРИШТИНА ПО ПРЕСУДАТА ЗА ХАШИМ ТАЧИ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА, КОСОВО И АЛБАНИЈА ВЕЛАТ ДЕКА ОДЛУКАТА Е СРАМНА И НЕПРАВЕДНАТачк и уште тројца некогашни команданти на ОВК добија затворски казни од 13 до 25 години (Фото: АА)

    Косово и Албанија ја критикуваа пресудата за воени злосторства против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца некогашни команданти на ОВК, додека во Приштина одлуката беше проследена со протести. Косовскиот премиер Албин Курти ја опиша пресудата за Тачи како неприфатлива неправда.

    „Осудувачката пресуда и толку строгата казна за четворица поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово претставуваат неприфатлива неправда и голема и штетна казна“, напиша Курти на Фејсбук.

    Специјализираниот суд за Косово во Хаг го осуди Тачи на 25 години затвор откако го прогласи за виновен по три точки од обвинението за воени злосторства: мачење, сурово постапување и убиство. Високи затворски казни добија и останатите обвинети: Јакуп Красниќи – 25 години, Кадри Весели – 18 години и Реџеп Селими – 13 години затвор. Сите четворица за време на војната беа меѓу политичките и воените лидери на ОВК, а по војната држеа високи функции во косовските институции.

    Тие се товареа за воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени од март 1998 до септември 1999 во Косово и северните делови на Албанија.

    Стотици поддржувачи чекаа во парк во близина на судската зграда во Хаг, а некои од нив накратко се судрија со холандската полиција за разбивање демонстрации, која соопшти дека привела две лица. По изрекувањето на пресудата, маскирани демонстранти фрлаа камења кон ѕидот што го опкружува комплексот на мисијата ЕУЛЕКС на периферијата на Приштина, при што искршија неколку прозорци.

    Косовскиот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца, кој присуствуваше на постапката во Хаг, кажа дека пресудата е неправедна, незаслужена и тажна за Косово и за неговата ослободителна војна. Албанскиот премиер Еди Рама исто така реагираше на Фејсбук, каде што само напиша „Срам“.

    Судијата изјави дека судскиот совет утврдил оти сите четворица се кривично одговорни поради нивниот значителен придонес кон здружен криминален потфат за воени злосторства, што опфаќа произволно лишување од слобода на 385 лица, сурово постапување кон 49 лица, мачење на 303 лица и убиство на 96 лица.

    Тачи беше премиер на Косово од 2008 до 2014 и претседател од 2016 до 2020, кога поднесе оставка откако беше потврдено обвинението против него и оттогаш се наоѓа во притвор во Хаг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира