„Безмилосен и суров“ онлајн предатор кој уценувал девојки ширум светот, вчера беше осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување во период од 20 години, односно на најмалку 20 години затвор, откако беше осуден за убиство од небрежност на жртва која си го одзеде животот. Обвинителите велат дека 26-годишниот Александер Мекартни, од Њури во Северна Ирска, се преправал дека е тинејџерка и извршил таканаречени кетфишинг напади врз 3.500 женски жртви со кои контактирал на онлајн платформи, меѓу кои и Снепчет. Кетфишинг е кога се користи лажен онлајн идентитет за да се измамат жртвите.
Властите рекоа дека Макартни ги охрабрувал своите жртви да испраќаат интимни фотографии или да се впуштат во сексуални дејствија, а потоа ги изнудувал заканувајќи се дека ќе ги сподели сликите.
12-годишна девојче во Западна Вирџинија се самоуби во мај 2018 за време на онлајн разговор со Мекартни додека тој ѝ барал сексуални дејствија. Таткото на жртвата се самоуби 18 месеци подоцна.
Обвинителите рекоа дека веруваат оти ова е првпат некој да биде осуден за убиство од небрежност во случај кога жртвата и сторителот никогаш не се сретнале.
„Во блиска соработка со полицијата, тимот на обвинителството можеше да утврди според криминалниот стандард дека дејствијата на Мекартни ја предизвикале смртта на девојчето и дека треба да одговара за убиство од небрежност“, рече Кетрин Киран, шефица на Јавното обвинителство за сериозен криминал на Северна Ирска.
Полицијата идентификуваше жртви во 30 земји, меѓу кои и Австралија, Нов Зеланд и САД.
Мекартни, кој ги извршувал своите злосторства од спалната соба на неговиот дом од детството, се изјаснил за виновен по 185 обвиненија во кои се вклучени 70 деца, вклучувајќи го и обвинението за убиство од небрежност. На судот во Белфаст, судијата Џон О’Хара го осуди на доживотен затвор без можност за условно ослободување во период од 20 години.