ПУТИН ЈА ПОВИКА УКРАИНСКАТА ВОЈСКА ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ВЛАСТА ОД „НАРКОМАНИТЕ И НЕОНАЦИСТИТЕ“ ВО КИЕВ

    ПУТИН ЈА ПОВИКА УКРАИНСКАТА ВОЈСКА ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ВЛАСТА ОД „НАРКОМАНИТЕ И НЕОНАЦИСТИТЕ“ ВО КИЕВВладата кажа дека поделила 18.000 автоматски пушки на доброволци во Киев (Фото: Гети)

    Владимир Путин ја повика украинската војска да ја преземе власта во земјата, додека руските сили напредуваат кон центарот на Киев.

    Зборувајќи пред рускиот Безбедносен совет, Путин кажа дека неонацисти и Бандерити, со што алудираше на антисоветскиот борец од Втората светска војна Степан Бандера, имаат поставено тешко вооружување во градовите, вклучувајќи ги Киев и Харков и дека користат жени и деца како жив штит.

    „Тие се однесуваат како терористи низ светот и се кријат зад луѓе, со цел да ги обвинат Русите дека предизвикуваат цивилни жртви меѓу мирното население. Познато е дека сето тоа се случува на препорака на странски советници, првенствено американски“, кажа Путин.

    Тој потоа им се обрати на украинските вооружени сили.

    „Не дозволувајте неонацисти и Бандерити да ги користат вашите жени и деца и старите како жив штит. Земете ја власта во вашите раце. Мислам дека вие и ние полесно ќе се договориме отколку со онаа банда на наркомани и неонацисти во Киев“, рече Путин.

    Кремљ додаде дека е подготвен за разговори со Украина во Минск.

    Додека руските сили напредуваат кон Киев, владата ги повика граѓаните да земат оружје и да им се спротивстават на руските трупи. Советникот на министерот за внатрешни работи Вадим Денисенко кажа дека се поделени 18.000 автоматски пушки на доброволци во Киев.

    Градоначалникот Витали Кличко кажа дека Киев е во одбранбена фаза, а во градот влегоа оклопни возила на украинската војска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира