ПУТИН МИ ВЕТИ ДЕКА НЕМА ДА ГО УБИЕ ЗЕЛЕНСКИ, ВЕЛИ ИЗРАЕЛСКИОТ ЕКСПРЕМИЕР БЕНЕТ

    ПУТИН МИ ВЕТИ ДЕКА НЕМА ДА ГО УБИЕ ЗЕЛЕНСКИ, ВЕЛИ ИЗРАЕЛСКИОТ ЕКСПРЕМИЕР БЕНЕТНафтали Бенет беше еден од ретките западни лидери кои се сретнаа со Путин за време на војната, во Москва лани во март. (Фото: АП)

    Поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет, кој накратко беше посредник на почетокот на руската војна со Украина, вели дека извлекол ветување од рускиот претседател Владимир Путин оти нема да го убие својот украински колега Володимир Зеленски. Бенет стана неочекуван посредник во првите недели од војната, и беше еден од ретките западни лидери кои се сретнаа со Путин за време на војната во кусата посета на Москва лани во март.

    Иако се чини дека напорите за посредување на Бенет направија малку за да се стави крај на крвопролевањето што продолжува до денес, неговите забелешки, во интервју објавено на Интернет доцна синоќа, фрлија светлина на позадинската дипломатија и итните напори што беа во обид конфликтот да заврши во раните денови. Во петчасовното интервју, кое допре и многу други теми, Бенет вели дека го прашал Путин дали има намера да го убие украинскиот претседател Володимир Зеленски.

    „Прашав, ‘Што со ова? Дали планираш да го убиеш Зеленски?’ Тој рече, ‘Нема да го убијам Зеленски’. ‘Нема да го убијам Зеленски’“.

    Бенет рече дека потоа му се јавил на Зеленски за да го извести за ветувањето на Путин.

    „’Слушај, излегов од состанок, тој нема да те убие.’ Тој праша: ‘Дали си сигурен?’. Јас реков, ‘100% нема да те убие’“.

    Бенет рече дека за време на неговото посредување, Путин се откажал од намерата да бара разоружување на Украина, а Зеленски ветил дека нема да се приклучи на НАТО.

    Бенет, кој беше премиер нешто повеќе од шест месеци кога избувна војната, неочекувано се втурна во меѓународната дипломатија откако го позиционираше Израел во непријатна средина меѓу Русија и Украина. Израел ги гледа своите добри врски со Кремљ како стратешки наспроти заканите од Иран, но се усогласува со западните земји и исто така се обидува да покаже поддршка за Украина.

    Религиозен Евреин и меѓународно малку познат, тој замина во Москва на средба со Путин за време на шабат, прекршувајќи ги своите религиозни обврски и ставајќи се себеси во првите редови на глобалните напори за запирање на војната. Но, неговите миротворни напори не успеаја, а на власт беше краткотрајно. Владата на Бенет, идеолошки разновидна коалиција што го испрати актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху во краток политички егзил, пропадна лани летото поради внатрешните борби. Бенет се повлече од политиката и сега е приватно лице.

    51-годишниот милионер Бенет, важеше за штитеник на Нетанјаху и во периодот од 2013 до 2020 водеше пет различни министерства во неговите влади, последно за одбрана. Во минатото отворено се залагаше за анексија на најголемиот дел од окупираниот Западен Брег и го отфрлаше концептот на палестинска држава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира