Русија има развиено нова крстосувачка ракета која е непобедлива, објави Владимир Путин во двочасовниот телевизиски говор, во кој ги откри клучните точки од својата предизборна програма.
Тој, меѓу другото, зборуваше за нови оружја, што вклучува и ракета која „може да стигне до секоја точка на планетата“.
„Оваа ракета не можат да ја запрат ниту американските противракетни штитови во Европа и Азија“, кажа Путин.
Во својата видео-презентација, тој ги опиша и нејзините карактеристики.
„Оваа ракета со нуклеарно полнење лета ниско и тешко може да се забележи. Практички имаа неограничен домет и непредвидлива патека на летање, при што може да ги заобиколи линиите на пресретнување и е незапирлива за сите сегашни и идни противвоздушни и противракетни системи“, откри Путин.
Тој зборуваше и за оружје што се лансира од подморница и може да носи нуклеарна глава, при што побара од Русите да ги изберат имињата за двата системи.
Путин се смета за апсолутен фаворит на изборите на 18 март, иако ќе има седум противкандидати.