Владимир Путин предупреди дека Русија би можела да вооружи држави кои потоа би можеле да напаѓаат западни цели. Тој реагираше откако САД и неколку други држави ѝ дозволија на Украина да ракетира воени мети на руска територија.
„Такви акции би можеле да доведат до многу сериозни проблеми. Ако некој мисли дека треба да се испорача оружје во воена зона за да се нападне наша територија, тогаш и ние имаме право да снабдуваме региони со оружје од иста класа, од каде што ќе има удари врз чувствителни објекти на тие земји. Одговорот може да биде асиметричен. Ќе размислиме за тоа“, кажа Путин.
Тој не прецизираше во кои држави би можел да испрати оружје, но ја издвои Германија, која неодамна кажа дека Украина има слобода да гаѓа воени мети во Русија со германски пружја со долг дострел.
„Тоа е нешто што дефинитивно ги уништува германско-руските односи“, кажа Путин.
И САД ѝ дозволија на Украина да напаѓа мети на руска територија, но само близу харкивскиот регион. Американски функционери изјавија дека вакви напади веќе биле изведени во изминатите денови.
Путин уште еднаш негираше дека Русија планира да нападне членка на НАТО.
„Тоа е целосно луда и неточна идеја“.