РУСИЈА БИ МОЖЕЛА ДА ГО ПРОГЛАСИ АЗОВСКИОТ БАТАЛЈОН ЗА ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА

    РУСИЈА БИ МОЖЕЛА ДА ГО ПРОГЛАСИ АЗОВСКИОТ БАТАЛЈОН ЗА ТЕРОРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈАОд 16 мај се предале вкупно 2.439 украински борци од „Азовстал“ (Фото: АП)

    Русија прогласи целосна победа во неколкумесечната битка за Мариупол откако синоќа се предадоа и последните украински борци од челичарницата „Азовстал“, вклучувајќи ги заповедниците на Азовскиот баталјон. Според руското министерство за одбрана, последната група ја сочинувале 531 војник, а од 16 мај се предале вкупно 2.439 украински борци, меѓу кои имаше и десетици тешко ранети.

    Заповедниците на Азовскиот баталјон вчера кажаа дека добиле наредба од Киев да престанат со борбите и да излезат од фабриката, со цел да се спасат животи. Нејасно е што ќе се случува со последните бранители на Мариупол, од кои најголем дел досега беа префрлени во руска затворска колонија близу Доњецк.

    И додека за многумина Украинци бранителите на „Азовстал“ се национални херои кои го симболизираат тврдоглавиот отпор на земјата, Русија би можела да ги прогласи за терористи, со што би се спречила нивната размена, на што се надева Киев.

    Руските пратеници предлагаат припадниците на Азовскиот баталјон да бидат прогласени за нацистички криминалци, додека канцеларијата на јавниот обвинител на Русија побара од Врховниот суд да ја означи единицата како терористичка организација. Во двата случаја, целта е борците од Азов да не бидат третирани како конвенционални воени заробеници.

    Формиран во 2014 како крајнодесничарска доброволна милиција за борба против проруските сепаратисти, Азовскиот баталјон негира дека е неонацистички. Украина тврди дека се реформирал по интегрирањето во националната гарда.

    Претседателот Зеленски кажа дека украинските воздушни сили се обиделе да достават залихи во Мариупол, но биле поразени.

    Голем број пилоти загинаа. Тие се апсолутни херои кои беа свесни дека е тешко, речиси невозможно да се лета до ‘Азовстал‘ за да се достават храна, вода и лекови и да се соберат ранетите“, изјави Зеленски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира