Русија и Украина се спремни веднаш да почнат преговори за примирје, што би довело до крај на војната, напиша Доналд Трамп на својата социјална мрежа по денешниот двочасовен телефонски разговор со Владимир Путин. Тој оцени дека разговорот поминал многу добро.
„Тонот и духот на разговорот беа одлични. Да не беше, тоа би го кажал веднаш“, кажа Трамп, додавајќи дека предложил домаќин на мировните разговори да биде Ватикан.
Набргу по крајот на разговорот, Путин изјавил дека Русија е спремна да работи на завршување на борбите во Украина, објавија руските државни медиуми. Трамп претходно кажа дека теми на разговорот ќе бидат запирање на крвопролевањето во Украина и трговија.
„Тоа беше многу информативен и корисен и доста искрен разговор. Како прво, му се заблагодарив на американскиот претседател за американската поддршка во продолжувањето на директните преговори помеѓу Русија и Украина за можен мировен договор. Трамп го изрази својот став за прекин на огнот. Јас истакнав дека и Русија се залага за мирно решавање на украинската криза. Русија ќе понуди и е подготвена да работи со Украина на меморандум за можен иден мировен договор. Ова ќе значи и можен прекин на огнот на одреден временски период, доколку се постигнат релевантни договори“, рекол Путин.
Тој додал дека продолжиле контактите помеѓу учесниците во неодамнешните разговори во Истанбул, што дава причина да се верува дека напорите се на вистинскиот пат.
Пред да се слушне со Путин, Трамп кратко разговарал со Володимир Зеленски, кој кажа дека наложил да се формира постојана, проширена национална преговарачка група.