Руското министерство за надворешни работи ја обвини Естонија за низа непријателски дејствија кои се „на работ на предизвикување отворена војна“.
Естонија планира на 1 декември да ги затвори граничните премини кон Русија, што би траело најмалку шест месеци, откако ги обвини руските безбедносни служби за организирање обид за подметнување пожар во една естонска одбранбена компанија. Русија ја негираше својата вмешаност во нападот.
Руското МНР го повика естонскиот дипломатски претставник во Москва за да упати официјален протест поради одлуката на Талин да ја затвори границата.
„На естонскиот дипломат уште еднаш му беше укажано дека ваквите провокативни и крајно опасни дејствија се на работ да предизвикаат отворена војна со Русија“, соопшти министерството.
Меѓу низата обвинувања се наведува дека Естонија премолчено ѝ дозволила на Украина да го користи нејзиниот воздушен простор за напади врз руски цели. Естонија е обвинета и за обиди да го попречи движењето на руските товарни бродови во Балтичкото Море, забрана на транзитот на руски и белоруски житарки, залагање за забрана на рускиот јазик и за закани со затворање на Руската православна црква.
„Руската страна го задржува правото да преземе сеопфатни политички и дипломатски мерки насочени кон заштита на националните интереси на Русија и легитимните права на нејзините граѓани“, соопштија од министерството.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска кажа дека алијансата ги следи ситуацијата во Естонија и минатонеделното навлегување на руски ракети во Полска и дека располага со опции за одговор.



