РУСИЈА НАМЕРНО НАПАДНА КРИТИЧНА ИНФРАСТРУКТУРА ВО КИЕВ, ВЕЛИ КЛИЧКО

    РУСИЈА НАМЕРНО НАПАДНА КРИТИЧНА ИНФРАСТРУКТУРА ВО КИЕВ, ВЕЛИ КЛИЧКОНајмалку 17 лица загинаа откако во текот на ноќта беа погодени станбени згради и магацини низ градот, oштетени се и детска болница и училиште, а повредени се над 40 лица. (Фото: ДПА)

    Најновиот напад на Русија врз Киев е прв по неколку месеци кога во украинскиот главен град „намерно е нападната“ критична инфраструктура, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Најмалку 17 лица загинаа откако во текот на ноќта беа погодени станбени згради и магацини низ градот, соопшти Државната служба за вонредни состојби на Украина. Оштетени се и детска болница и училиште, а повредени се повеќе од 40 лица, се додава во соопштението.

    Вчера, Кличко ги предупреди жителите на округот Десњански и на дел од округот Днипро дека може да дојде до прекин во снабдувањето со топла вода по нападите извршени во текот на ноќта. „Специјалисти работат на санирање на оштетената инфраструктура“, напиша тој на Телеграм.

    Кличко рече дека Украина и понатаму се соочува со недостиг на ракети за противвоздушна одбрана и дека ѝ се потребни „муниција, противракетни системи – потребна ни е поддршка од нашите партнери“. Киев зависи од западните сојузници за набавка на овие средства, а претседателот Володимир Зеленски изјави дека „сè додека Украина нема доволно средства за пресретнување на балистички ракети, Русија нема сериозно да размислува за мир“.

    Тој додаде: „Ракетите-пресретнувачи за системите ’патриот‘ сè уште не се заменети, а се потребни секојдневно. Секоја дополнителна ракета спасува животи на нашите луѓе“.

    Информациите објавени од украинските воздухопловни сили во вчераутро укажуваат на тоа дека ниту една од руските балистички ракети употребени во текот на ноќта не била пресретната. Украина се потпира на американските испораки на ракети-пресретнувачи за системот „патриот“ за борба против руските балистички ракети, но САД веќе потрошија голем дел од своите залихи за време на конфликтот со Иран.

    Руското Министерство за одбрана соопшти дека употребило оружје со базирање во воздух, на копно и на море за да гаѓа воени објекти и магацини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира