РУСИЈА НЕМА ДА ГО ИСТРАЖУВА ПАДОТ НА АВИОНОТ НА ПРИГОЖИН СПОРЕД МЕЃУНАРОДНИТЕ ПРАВИЛА

    РУСИЈА НЕМА ДА ГО ИСТРАЖУВА ПАДОТ НА АВИОНОТ НА ПРИГОЖИН СПОРЕД МЕЃУНАРОДНИТЕ ПРАВИЛААвионот од бразилско производство „ембраер легаси 600“ се урна минатата недела северно од Москва (Фото: АП)

    Русија ги информирала бразилските воздухопловни власти дека нема да ја истражува авионската несреќа во која загина Евгени Пригожин според меѓународните правила. Пригожин и двајца други водачи на платеничката група „Вагнер“ загинаа кога нивниот авион од бразилско производство „ембраер легаси 600“ се урна минатата недела северно од Москва. Несреќата се случи точно два месеца откако Пригожин предводеше побуна против раководството на руската војска, што беше најголемиот предизвик за владеењето на Владимир Путин досега.

    Бразилскиот Центар за истражување и спречување на авионски несреќи (ЦЕНИПА) објави дека би прифатил да се приклучи на руската истрага ако биде поканет и ако таа се спроведува според меѓународните правила. Руските власти не се обврзани да ја прифатат понудата на ЦЕНИПА, а според Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, летот Москва-Санкт Петербург бил домашен, па не подлежи на меѓународните правила кои во индустријата се познати како „Анекс 13“.

    „Русите не се обврзани, само им се препорачува тоа. Но, ако кажат дека истрагата ќе биде отворена и го поканат Бразил, ние ќе прифатиме“, изјави шефот на ЦЕНИПА, Марсело Морено.

    ЦЕНИПА потврди дека руските власти испратиле известување дека истрагата засега нема да се одвива според „Анекс 13“.

    Некои западни влади се сомневаат дека Кремљ стои зад авионската несреќа од 23 август, што Москва го отфрли како „апсолутна лага“. Причината за несреќата останува непозната, иако еден Телеграм канал поврзан со „Вагнер“ веднаш објави дека авионот бил соборен од противвоздушната одбрана. Моделот на „Ембраер“ што се урна имал само еден инцидент во досегашните над 20 години служба, а и тој не бил поврзан со механичка грешка.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира