Русија ја обвини Украина за тероризам по нејзините ескалирачки напади врз бродови во Азовското Море, рута преку која се одвива околу една четвртина од рускиот извоз на жито.
Украинските дронови погодиле 11 руски бродови во Азовското Море во текот на ноќта, изјави командантот на украинските сили за беспилотни летала Роберт Бровди.
„Меѓу целите беа пет танкери, пет брода за сув товар и еден реморкер, со што вкупниот број на погодени пловила во изминатите девет дена се искачи на 116“, кажа Бровди.
Тој не спомна никакви напади врз бродови за жито, но извори од индустријата рекле за „Ројтерс“ дека неколку вакви брода биле погодени на 13 и 14 јули и се запалиле.
„Она што го прави украинскиот режим оди подалеку дури и од пиратство. Пиратите барем ограбуваат и го задржуваат пленот за себе. Целта е да се предизвика штета и заплашување. Тоа е тероризам, чисто и едноставно“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Бродскиот сообраќај во Азовското Море останал ограничен денеска, според извори на „Ројтерс“. Морето се наоѓа на устието на реката Дон, која тече низ главниот јужен регион за производство на жито во Русија.
„Русија би можела да користи алтернативни транспортни правци и да го пренасочи товарот кон други видови транспорт“, соопшти руското министерство за земјоделство.
Украина го изгуби целиот пристап до Азовското Море во првата година од војната со Русија.



