Русија се повлече од договорот кој овозможуваше извоз на украинското жито во земјите од Африка, Блиски Исток и Азија за време на војната. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, објави дека Русија ја суспендира иницијативата за извоз на жито преку Црното Море, сѐ додека не се исполнат нејзините барања за извоз на сопствените земјоделски култури во светот.
„Кога ќе почне да се спроцедува делот од договорот што се однесува на Русија, Русија веднаш ќе се врати во договорот“, изјави Песков.
Русија се жалеше дека западните санкции го попречуваат извозот на нејзините храна и ѓубриво.
Договорот за извоз на украинското жито беше постигнат минатото лето со посредство на Турција и Обединетите нации и даваше гаранции дека бродовите нема да бидат напаѓани кога влегуваат и излегуваат од украинските пристаништа. Истовремено, со посебен договор беше олеснето движењето на руските храна и ѓубриво среде санкциите.
Договорот, кој овозможи извоз на 32 милиони тони жито, беше продолжен за уште 60 дена во мај, иако во последните месеци се намали бројот на бродовите кои излегуваа од Украина.