Москва и Киев приватно покажуваат флексибилност по прашањето кој би ги контролирал источните региони на Украина во повоено сценарио, изјавија американски претставници. Овие коментари дојдоа во пресрет на првите трилатерални разговори за завршување на војната во Украина од февруари.
Високи претставници на Русија, Украина и САД денеска ќе се сретнат во Абу Даби, додека се ближи петтата годишнина од почетокот на целосната руска инвазија.
Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп и дел од американската делегација заедно со Стив Виткоф, рече дека разговорите ќе се фокусираат на решавањето на повоените безбедносни грижи на Русија и Украина.
„Важен дел од овој процес е охрабрување на сите страни да почнат сериозно да размислуваат за тоа што доаѓа по војната“, напиша Кушнер на Икс.
Но, ставовите на Москва и Киев за завршување на конфликтот остануваат оддалечени. Клучна точка на несогласување е регионот Донбас, што Русија го прогласи за своја територија, но и натаму не го контролира во целост. Украина сака да го замрзне фронтот на сегашните линии за да ја задржи контролата врз тие делови, за кои вели дека се клучни за нејзината идна безбедност.
Еден американски функционер кажа дека ова е само јавен став и дека двете завојувани страни приватно покажале малку флексибилност.
„Тие нема да ги решат прашањето на Донецк и територијалното прашање сè додека не знаат каква ќе биде безбедносната архитектура по војната“, рече функционерот.
По средбата со советникот на Кремљ, Кирил Дмитриев, во Вашингтон минатата недела, Трамп најави „голем, прекрасен договор“ за Украина, кој може да ја вклучи цела Европа. Предложената рамка вклучува безбедносни консултации и телефонска комуникација во кризни ситуации, како и реципрочни мерки за деескалација помеѓу двете страни.
„Она што би го добиле би било многу слично на НАТО. Добивањето безбедносна гаранција од САД е навистина, навистина голема работа“, рече функционер од Белата куќа,
Последната рунда трилатерални разговори, одржана во Женева во февруари, заврши без напредок. Набргу потоа избувна војната против Иран, што го одвлече вниманието на САД од Украина. Американските преговарачи овојпат ја притискаат Русија да дозволи и Европа да учествува во разговорите.
„Ни треба Европа на маса. Затоа, нашиот предлог е да ги вклучиме Европејците во дискусијата по оваа трилатерална средба“, рече еден функционер.



