РУСКАТА ДИВА АНА НЕТРЕБКО ВЕЌЕ НЕМА ДА ПЕЕ ВО МЕТ ОТИ ОДБИ ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ ПОДДРШКАТА ЗА ПУТИН

    РУСКАТА ДИВА АНА НЕТРЕБКО ВЕЌЕ НЕМА ДА ПЕЕ ВО МЕТ ОТИ ОДБИ ДА ЈА ПОВЛЕЧЕ ПОДДРШКАТА ЗА ПУТИННетребко е една од најголемите светски оперски ѕвезди, а во текот на годините го поддржуваше Путин. (Фото: АП)

    Руската оперска дива, сопранот Ана Нетребко веќе нема да пее во операта Метрополитен во Њујорк оваа и следната сезона, оти одби да ја повлече својата поддршка на рускиот претседател Владимир Путин кој ја води војната во Украина. Ангажманот на Нетребко е прекинат откако Мет претходно кажа дека поради руската инвазија на Украина нема да ангажира уметници кои го поддржуваат Путин. Иако деновиве Нетребко имаше соопштенија со кои ја критикуваше војната, сепак таа одмолча за Путин, чиј реизбор на функцијата го поддржуваше во минатиот преиод.

    „Ова е голема загуба за Мет и за операта. Ана е една од најголемите пејачки во историјата на Мет, но се додека Путин убива недолжни жртви во Украина, нема начин да се оди напред“, рече генералниот менаџер на Мет Питер Гелб.

    Изминативе 20 години Нетребко има над 200 претстави во Мет и е една од најголемите светски оперски ѕвезди. Во текот на годините го поддржуваше Путин, а во 2014 се фотографираше со знамето на руските сепратисти во Украина. По актуелните критики, таа се повлече и од миланска Скала и од Оперите во Хамбург и Цирих.

    Нејзиното заминување од најголемата уметничка институција на САД е среде негативните критики за руските уметници кои имаат врски со Путин, што покрена тешки прашања за тоа колку далеку може да одат уметничките организации во барањата за јавни декларации од уметниците.

    Неделава, Минхенската филхармонија го отпушти од шеф диригент рускиот маестро Валериј Гергиев поради неговите долготрајни врски со Путин, откако тој одби да ја осуди инвазијата на Украина. Гергиев јавно го поддржваше Путин во земјата и во странство. Во 2008 диригираше на концерт во Јужна Осетија, отцепениот регион на Грузија, а во 2016 и во Палмира, Сирија откако беше освоен од сириските и руските трупи. Откако Русија ја нападна Украина, неговите меѓународни настапи престанаа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира