Два руски дрона погодија еден од главните мостови во Киев, со што беше запрен јавниот превоз во градот и беше означена нова фаза од руските напади. Мостот „Пивдењи“ беше погоден додека преку него минуваше воз од метрото, но нема жртви.
Овој мост е една од главните сообраќајни артерии преку реката Днепар и ги раздвојува западниот и источниот дел на Киев.
Мостовите во Киев досега не биле цел на вакви напади. И покрај силната експлозија во близина на еден од главните носечки делови, градските власти соопштија дека првичните проверки не утврдиле критични оштетувања на конструкцијата.
Во првиот голем напад врз Киев денеска руско беспилотно летало удри во третиот кат на едно училиште во девет часот по локално време. Иако во тоа време во училиштето имало повеќе од 100 ученици, сите веќе биле засолнети. Еден од ѕидовите на училиштето делумно се урнал.



