Во руски напад утрово е погоден втор главен мост во Киев, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко, во период кога Русија ги засилува нападите врз критичната инфраструктура во украинскиот главен град. Нападот во саботата наутро ги оштети коловозот и надземната мрежа за тролејбуси на Северниот мост (Пивнични), поради што сообраќајот е блокиран.
Овој удар следува откако уште еден клучен мост во градот, Јужниот мост (Пивдени), беше повеќепати цел на руски беспилотни летала во четвртокот и во петокот. Кличко претходно предупреди дека ваквите напади го растргнуваат Киев. Северниот и Јужниот мост ги поврзуваат источниот и западниот дел на главниот град и не беа гаѓани пред четвртокот, што означува нова етапа во стратегијата на Москва.
Нападите врз Јужниот мост од четвртокот предизвикаа сериозни нарушувања во сообраќајот, при што движењето на автомобили и на метрото преку него е прекинато. Голем дел од жителите на градот, кој брои околу три милиони луѓе, се потпираат токму на метрото за транспорт низ градот. По нападот врз Јужниот мост, патници опишаа како прашина од експлозивниот бран навлегла во вагонот низ системот за вентилација.
Објавувајќи на Телеграм во саботата, Кличко соопшти дека е погоден Северниот мост, дека итните служби се упатени на терен и оти сообраќајот преку мостот од левиот кон десниот брег во моментов е во прекин. Министерството за одбрана на Русија потврди дека го погодило мостот, со образложение дека објектот се користел за транспорт на војници и за воена логистика. Руското министерство соопшти и дека цел на напад бил и логистички центар во градот, што Кличко не го спомена.
Претходните напади врз Јужниот мост го поттикнаа Советот за одбрана на Киев во петокот да одржи кризен состанок, по што градоначалникот предупреди дека градот се наоѓа во многу драматична ситуација додека Москва урива критична инфраструктура, логистика, станбени објекти и други клучни капацитети.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија дејствува како одговор на украинските напади врз руски енергетски објекти, и покрај тоа што Москва беше таа што прва започна со такви напади.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Путин одлучил оти сега веќе нема правила при нападите врз Украина. Во интервју за Фајненшел тајмс, Зеленски рече дека Русите не успеале да ја окупираат земјата и затоа сега изведуваат масовни напади и масовни убиства. Тој додаде дека цел на уништување се мостовите, центрите за податоци, интернетот, мобилните мрежи, болниците, градинките, училиштата и универзитетите, односно сè, со намера луѓето да побегнат од градовите.
Русија ја започна својата целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година.



