РУСКИ ПАРАВОЕНИ ГРУПИ ТВРДАТ ДЕКА КОНТРОЛИРААТ ДВЕ СЕЛА ВО РУСИЈА ПО ДЕНЕШНИОТ УПАД ОД УКРАИНА

    РУСКИ ПАРАВОЕНИ ГРУПИ ТВРДАТ ДЕКА КОНТРОЛИРААТ ДВЕ СЕЛА ВО РУСИЈА ПО ДЕНЕШНИОТ УПАД ОД УКРАИНАЛегијата Слобода за Русија и Руски волонтерски корпус учествуваат во упадот (Фото: АФП)

    Руски паравоени групи кои се борат против Кремљ тврдат дека зазеле две руски села откако денеска упаднале од територијата на Украина. Легијата Слобода за Русија (ЛСР) и Сибирски баталјон објавија снимки кои наводно покажуваат нивни борци во пограничните руски региони Курск и Белгород.

    Руското министерство за одбрана претходно соопшти дека бил спречен прекуграничен упад, при што биле елиминирани „десетици терористи“.

    Украинската војска негираше дека е вмешана во овие дејства, додавајќи дека станува збор за „независни организации составени од руски државјани кои, според тоа, оперираат дома“.

    ЛСР објави видео од руско-украинската граница, во кое вели дека сонува за Русија ослободена од Владимир Путин.

    Но, ние не сонуваме само, туку и правиме напори овие сништа да се остварат“, се вели во видеото.

    Во исто време, Сибирски баталјон објави дека се водат жестоки борби на територијата на Руската Федерација. И групата Руски волонтерски корпус соопшти дека води борби со руски владини трупи.

    Армијата на режимот на Кремљ го положи оружјето уште пред да почне борбата“, кажаа од оваа група.

    ЛСР кажа дека има целосна контрола врз селото Теткино во регионот Курск. Градоначалникот на Курск, Игор Куцак, нареди затворање на школите во градот на три дена и додаде дека постои опасност од воздушни напади.

    Москва кажа дека Украина денеска лансирала и 25 дронови кон цели низ Русија, при што биле погодени две рафинерии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира