Русија и Казахстан се обидуваат да ги омаловажат шпекулациите за падот на авионот на „Азербејџан ерлајнс“, откако американски официјален претставник изјави дека има рани индикации оти руски противвоздушен систем можеби го погодил авионот.
Тврдењето е откако украински функционер за национална безбедност и неколку извори во Азербејџан тврдеа дека несреќата, во која загинаа 38 лица на Божиќ, била предизвикана од оган од руска противвоздушна одбрана.
Авионот, кој летал од главниот град на Азербејџан, Баку, кон рускиот град Грозни во Чеченија, се урнал на поле во близина на Актау во Казахстан, откако излетал стотици километри настрана од планираната рута. Дваесет и девет луѓе преживеале.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека истрагата за причините за несреќата е во тек, додавајќи дека би било „погрешно“ да се шпекулира пред да заврши истрагата.
Претседавачот со сенатот на Казахстан, исто така, нагласи дека причината останува непозната.
„Ниту една од овие земји – ниту Азербејџан, Русија ниту Казахстан не е заинтересирана да крие информации. Сите информации ќе бидат достапни на јавноста“, рече Ашимбаев Маулен. Тој ги опиша наводите за оган од противвоздушна одбрана како „неосновани и „неетички“.
Нивните коментари дојдоа откако Андриј Коваленко, шеф на Центарот за спротивставување на дезинформации на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, објави на X дека авион „ембраер 190“ на азербејџанска авиокомпанија, кој летал од Баку за Грозни, бил соборен од руски систем за воздушна одбрана.
Американски официјален претставник за Ројтерс изјави дека има рани индиции оти руски противвоздушен систем можеби го погодил авионот на „Азербејџан ерлајнс“. Наводот го повторија четири извори во Азербејџан кои разговараа за „Ројтерс“. Сите четворица, кои имале сознанија за истрагата, изјавиле дека летот бил соборен од руски систем за воздушна одбрана.