РУСКИОТ ОПОЗИЦИОНЕР КАРА-МУРЗА ОСУДЕН НА 25 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КРИТИКУВАЊЕ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

    РУСКИОТ ОПОЗИЦИОНЕР КАРА-МУРЗА ОСУДЕН НА 25 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА КРИТИКУВАЊЕ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНАОсвен што ја критикуваше т.н. „специјалната воена операција“ во Украина, Кара-Мурза отворено зборуваше против Путин и неговото задушување на слободниот говор. (Фото: Комерсант)

    Рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза денеска во Москва е осуден на 25 години затвор за предавство и други обвинувања поврзани со неговото критикување на војната во Украина. Поранешниот новинар е последниот од бројните противници на рускиот претседател Владимир Путин кои се осудени на затворски казни или беа принудени да ја напуштат земјата.

    Тој го негира обвинението и го критикуваше судењето.

    Минатата недела, пред московски суд, тој кажа: „Останувам на секој збор што сум го кажал. Не само што не се каам за тоа, туку сум горд на тоа“.

    Освен што ја критикуваше т.н. „специјалната воена операција“ во Украина, Кара-Мурза отворено зборуваше против Путин и неговото задушување на слободниот говор.

    25-годишната затворска казна е максимумот што го бараше обвинителството и најдолга казна досега изречена на опозиционер во Русија. Кара-Мурза беше уапсен во Москва пред една година.

    Неговиот случај се базира делумно на неговата изјава од минатата година, кога кажа дека Русија прави воени злосторства во Украина кога бомбардира станбени згради, породилишта и училишта.

    Според руските обвинители, украинската цивилна популација не е цел во војната.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира