Рускиот поет и жесток критичар на Владимир Путин, Лев Рубинштајн, почина неколку дена откако бил удрен од автомобил во Москва, потврди неговата ќерка. Седумдесет и шестгодишниот Рубинштајн, кој беше клучна личност на советската андерграунд литературна сцена, настрадал на 8 јануари и до смртта бил во кома.
Со писателска кариера долга повеќе од шест децении, тој беше еден од основачите и водачите на концептуалното движење, кое во 1970-тите и 1980-тите користеше разни уметнички форми за да ги поткопа традиционалните советски норми и да ја критикува официјалната доктрина на социјалистичкиот реализам.
Рубинштајн продолжи со својата критичка активност и по распадот на Советскиот Сојуз. Според една од најстарите руски организации за човекови права „Меморијал“, Рубинштајн зазеде цврст став против руските воени активности во Украина уште од 2014 и ги бранеше правата на ЛГБТ заедницата во Русија.
„И покрај сето тоа, Лев одлучи да остане во Русија во изминатите две години“, кажаа од „Меморијал“.
Московското одделение за сообраќај соопшти дека возачот не успорил кога Рубинштајн преминувал улица. Тој наводно имал 19 сообраќајни прекршоци во изминатите 12 месеци.