РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ „ДОБРОВОЛНО“ ГО ФИНАНСИРААТ ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ПО СОСТАНОК СО ПУТИН

    РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ „ДОБРОВОЛНО“ ГО ФИНАНСИРААТ ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ПО СОСТАНОК СО ПУТИНВаквото вонредно полнење на буџетот било договорено на состанок зад затворени врати што претседателот Владимир Путин го одржал во март со водечките руски бизнисмени, од кои најголем дел се под западни санкции. (Фото: ДПА)

    Таканаречените доброволни воени донации од најбогатите луѓе во Русија покрија повеќе од еден процент од вкупните државни расходи за оваа година, покажуваат официјалните буџетски документи. Овие средства, заведени во касата како доброволни приходи, досега достигнаа 471 милијарда рубљи, односно над 5,6 милијарди долари, со што спречија буџетскиот дефицит да порасне на 3,4 проценти од бруто-домашниот производ. Благодарение на ваквиот прилив, дефицитот ќе изнесува 3,2 проценти од БДП, односно 7,3 трилиони рубљи, што сепак е двојно повеќе од првично зацртаната цел од 1,6 отсто.

    Ваквото вонредно полнење на буџетот било договорено на состанок зад затворени врати што претседателот Владимир Путин го одржал во март со водечките руски бизнисмени, од кои најголем дел се под западни санкции. Од Кремљ соопштија дека идејата потекнала од неименуван стопанственик, кој изнел став дека имотните Руси ги создале своите богатства во текот на 1990-тите благодарение на врските со државата, па затоа сега нивна должност е да придонесат во буџетот. На средбата, еден од учесниците понудил многу голема сума на пари, што Путин веднаш го поздравил, а рускиот претседател подоцна во септември обелодени дека по тој состанок биле донирани стотици милијарди рубљи.

    Приливот од овие доброволни прилози се покажа поголем дури и од наплатата на официјалниот вонреден данок на екстрапрофит, што државата го наплати од компаниите за ѓубрива и метали врз основа на високите светски цени. Потребата за вакво прибирање средства се наметнува бидејќи војната во Украина се приближува кон крајот на својата петта година, а трошоците за војската и безбедноста годинава се проектирани на 38 проценти од сите буџетски расходи.

    Покрај потпирањето врз доброволни уплати од бизнис-елитата, владата во 2025 година ги покачи редовните даноци и го зголеми задолжувањето. Властите планираат следната година да инкасираат дополнителни 385 милијарди рубљи од продажба на претходно конфискувани приватни бизниси, што претставува најголема прераспределба на сопственоста од 1990-тите, додека за 2027 година се подготвува оданочување на банкарските депозити со цел да се обезбеди уште еден трилион рубљи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира