РУСКИТЕ ВОЈНИЦИ УБИВААТ ЦИВИЛИ КАКО ТЕРОРИСТИ НА ИСЛАМСКА ДРЖАВА, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    РУСКИТЕ ВОЈНИЦИ УБИВААТ ЦИВИЛИ КАКО ТЕРОРИСТИ НА ИСЛАМСКА ДРЖАВА, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИОбраќањето на Зеленски го ислуша и рускиот амбасадор во Он (Фото: Би-Би-Си)

    Украинскиот претседател Володимир Зеленски пушти снимка со лешеви на украински цивили во своето прво обраќање до Советот за безбедност на Обединетите нации, при што побара Русија да се соочи со меѓународно судење налик на Нирнберг по Втората светска војна. Тој ги спореди руските војници со терористите на Исламска држава.

    Тој зборуваше неколку дена откако во киевскиот регион беа пронајдени стотици тела на цивили по повлекувањето на руските сили, при што Украина ја обвини Русија за масакр и воени злосторства.

    „Масакрот во Буча е само еден од многуте примери на она што Русија го правеше во изминатите 41 ден. Светот допрва ќе ја дознае вистината, додека руската војска продолжува да ги ограбува и пустоши селата што ги има освоено“, кажа Зеленски.

    Рускиот амбасадор во ОН, Васили Небензија, ги отфрли обвинувањата дека руските сили извршиле воени злосторства, тврдејќи дека има груби недоследности во настаните прикажани од украинските и западните медиуми. Тој ги повтори руските тврдења дека лешевите пронајдени од новинарите не биле таму кога руските сили се повлекле, велејќи дека тоа е потврдено со повеќе видеоснимки.

    „Телата не изгледаат како да лежеле на улица три-четири дена“, кажа Небензија.

    Зеленски ја обвини руската војска дека убила цели фамилии сосе деца.

    „Нема никаква разлика помеѓу ова и она што го прават терористи на Исламска држава, со таа разлика што Русија е членка на Советот за безбедност. Не постои злосторство што не е извршено во Буча. Руските војници убивале луѓе на улица и во нивните домови на ѕверски начин, ги газеле со тенкови само од задоволство“, кажа Зеленски и ја обвини Русија за геноцид.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира