САД И Г-7 ЌЕ ЗАБРАНАТ УВОЗ НА ЗЛАТО ОД РУСИЈА

    САД И Г-7 ЌЕ ЗАБРАНАТ УВОЗ НА ЗЛАТО ОД РУСИЈАПретседателот Бајден денеска дојде на самитот на Г-7 во Германија. (Фото: АП)

    Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека САД и другите водечки економии од Групата седум (Г-7) ќе го забранат увозот на злато од Русија, што е последна во серијата санкции со кои демократскиот свет се надева дека дополнително ќе ја изолира Русија економски поради нејзината инвазија на Украина. Официјалната најава се очекува во вторник, на годишниот самит на лидерите на Г-7.

    На самиотот кој почнува денеска, Бајден и неговите колеги ќе разговараат за тоа како да се обезбеди снабдувањето со енергија и да се справи со инфлацијата, за да се спречи последиците од руската инвазија на Украина да ја раскинат глобалната коалиција која работи на казнување на Москва.

    Неколку часа пред отворањето на самитот, Русија утринава изврши ракетни напади врз украинскиот главен град Киев, погодувајќи најмалку две станбени згради, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Тоа беа први такви напади на Русија во последните три недели.

    Високи претставници на администрацијата на Бајден изјавија дека златото е втор најголем извоз на Москва по енергијата. Забраната на увозот ќе го отежни учеството на Русија на светските пазари, велат тие. На Твитер на Бајден кажа дека Русија „трупа десетици милијарди долари“ од продажбата на своето злато. Во последниве години, златото беше најголемиот руски извоз по енергијата – достигнувајќи речиси 19 милијарди долари или околу 5% од светскиот извоз на злато во 2020, според Белата куќа.

    Велика Британија, исто така, се очекува денеска да објави дека ќе го забрани увозот на руско злато, по што ќе следи формално соопштение во вторник во кое ќе бидат вклучени сите земји од Г-7, според претставниците на администрацијата на Бајден.

    Бајден пристигна во германските живописни баварски Алпи денеска рано наутро за да им се придружи на своите колеги на годишниот состанок на водечките светски демократски економии, каде одекот од бруталната војна во Украина ќе биде центар во дискусијата. Тој и сојузниците имаат за цел да претстават обединет фронт за поддршка на Украина додека конфликтот влегува во четвртиот месец.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира