САД и Кина се договорија да ја подобрат меѓусебната комуникација во обид да ги намалат растечките тензии, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
„Се враќаме на директни, отворени и јасни комуникации“, кажа Бајден по средбата со кинескиот лидер Шји Џинпинг во Калифорнија.
Двајцата лидери имаа директни разговори за првпат по повеќе од една година. Бајден притоа кажа дека се договориле да воспостават директна линија на комуникации.
„Несреќи се случуваат кога нема комуникација. Сега, двајцата претседатели ќе можат да ја кренат слушалката и веднаш директно да се слушнат“, изјави Бајден.
Кина ја прекина врската помеѓу двете војски минатата година, откако тогашната спикерка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го посети Тајван.
„Иако помеѓу нас и натаму има многу несогласувања, Шји беше јасен: ова беа едни од најконструктивните и најпродуктивни разговори што сме ги имале“, кажа Бајден.
Запрашан од еден новинар дали и натаму го смета кинескиот лидер за диктатор, Бајден одговори:
„Тој е диктатор во смисла дека е човек кој води држава заснована врз тип на влада која е сосема различна од нашата“.
Бајден даде сличен коментар и во јуни, што Кина го опиша како крајно апсурдно и неодговорно.
Бајден и Шји се договориле заедно да ја истражуваат вештачката интелигенција и имале долг разговор за Тајван. Еден американски функционер изјави дека Шји рекол дека „Тајван е најголемиот и најопасен проблем во американско-кинеските односи“.