САД И НАТО СОЈУЗНИЦИТЕ ЗАЕДНО СЕ ПОВЛЕКУВААТ ОД АВГАНИСТАН НА 11 СЕПТЕМВРИ

    САД И НАТО СОЈУЗНИЦИТЕ ЗАЕДНО СЕ ПОВЛЕКУВААТ ОД АВГАНИСТАН НА 11 СЕПТЕМВРИБајден денеска и официјално ќе го објави повлекувањето на американската војска од Авганистан по цели 20 години (Фото: АП)

    Коалицијата на војски предводена од НАТО ќе го напушти Авганистан на 11 септември во координација со планираното повлекување на американската војска, објави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во Брисел. Ова денеска и официјално ќе го објави американскиот претседател Џо Бајден, а повлекувањето симболично се совпаѓа со 20-годишнината од терористичкиот напад во САД, кој беше директен повод за воената интервенција во Авганистан, што прерасна во дводецениски вооружен конфликт.

    Околу 7.000 неамерикански војници, главно од земјите-членки на НАТО, но и од Австралија, Нов Зеланд и Грузија, моментално се присутни во Авганистан, кои сѐ уште силно се потпираат на воздушната поддршка, планирање и лидерство од далеку помалобројните американски воени сили, кои бројат околу 2.500 припадници.

    Блинкен кажа дека НАТО сојузниците заедно заминаа за Авганистан и заедно ќе си заминат оттаму.

    „Заедно ќе работиме во наредните месеци за да осигураме безбедно, внимателно и координирано повлекување на нашите сили од Авганистан“, изјави Блинкен.

    Согласно мировниот договор што го потпишаа администрацијата на Трамп и Талибанците минатата година, американската војска требаше да се повлече на 1 мај, но Бајден кажа дека тоа нема да биде изводливо.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира