САД ИСПРАЌА ОКЛОПНИ ВОЗИЛА ВО БУГАРИЈА ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ИСТОЧНОТО КРИЛО НА НАТО

    САД ИСПРАЌА ОКЛОПНИ ВОЗИЛА ВО БУГАРИЈА ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ИСТОЧНОТО КРИЛО НА НАТООд средбата на премиерот Кирил Петков со американскиот државен секретар за одбрана Лојд Остин во Софија. (Фото: Медјапул)

    САД ќе учествуваат со оклопни возила „страјкер“ во борбената група на НАТО која е формирана на бугарска територија, соопшти премиерот Кирил Петков на прес-конференцијата по средбата со американскиот државен секретар за одбрана Лојд Остин во Софија.

    „САД покажаа вистинска сојузничка поддршка за Бугарија и бугарската влада. За жал, веќе нема ниедна земја која може да живее со илузијата за безбедност. Нашата безбедност е со колективната одбрана со нашите сојузници во НАТО, ние сме НАТО. Благодарам на САД и на Лојд Остин што одговорија на нашите барања за засилување на борбената група“, рече Петков.

    Бугарија прими илјадници бегалци од Украина, а се согласи да биде домаќин на нов контингент војници на НАТО како дел од напорите на Алијансата да го зајакне своето источно крило. Тој контингент има и околу 150 пешадиски војници на американската армија.

    Петков потсети дека борбената група во Бугарија ќе биде под команда на врховниот командант на НАТО за Европа, но ќе биде предложено нејзиниот командант да биде Бугарин. Бугарија нема модерни оклопни возила и затоа САД ќе го пополнат овој дефицит со возилата „страјкер“. Се очекува и други земји да се приклучат на борбената група, која веќе се подготвува.

    Петков изјави дека не било разговарано за Бугарија да испрати воена помош за Украина. Западните медиуми пред средбата објавија дека САД ќе ја убедат бугарската влада да испрати противвоздушни ракети Ц-300 во Украина, но Петков претходно кажа дека тоа е „лажна вест“.

    „Во моментов зборуваме само за хуманитарна помош, заедничка стратегија, да се зајакне Источното крило. Одлука за воена помош во оваа фаза не е можна и може да ја донесе само Народното собрание“, изјави Петков.

    Претседателот Румен Радев е против давање воена помош за Украина со аргумент дека така Бугарија ќе земе учество во војната. За време на неговата дводневна посета, Остин нема да се сретне со Радев.

    Како одговор на прашањето дали имало дискусии за испраќање воена помош за Украина, како системи за противвоздушна одбрана, Остин рече дека разговорот се фокусирал на напорите за зајакнување на источното крило.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира