Американските здравствени власти го намалија препорачаното време за изолација за асимптоматските случаи на ковид-19 од десет на пет дена. Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) кажа дека овие лица потоа пет дена мора да носат маска меѓу други луѓе.
Според ЦДЦ, вирусот најчесто се пренесува два дена пред и три дена после појавата на симптоми.
Оваа мерка треба да ги ублажи нарушувањата што се појавија во многу области поради недостиг на човечки кадар, што уследи по нов силен бран на зараза во САД, предизвикан од сојот омикрон. Тој сега е доминантниот сој во САД. Иако рани докази сугерираат дека е поблаг од делта, омикрон важи за позаразен, поради што голем број луѓе мора да се изолираат.
ЦДЦ вели дека последната одлука е мотивирана од науката и следува откако во изминатите два дена биле регистрирани повеќе од 200.000 нови случаи на зараза на ден.
„Изменетата препорака ги балансира она што го знаеме за ширењето на вирусот и заштитата што ја обезбедуваат вакцинацијата и третата доза. Ова гарантира дека луѓето можат безбедно да продолжат со нивните секојдневни животи“, изјави директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски.
Во Велика Британија, времето на изолација беше скратено од десет на седум дена, а пред излегувањето потребни се два негативни брзи теста.
ЦДЦ го намали и траењето на карантинот за оние кои биле во контакт со заразено лице. Невакцинираните ќе треба да поминат пет дена во карантин, место досегашните 14. Ова важи и за оние кои ја примиле втората доза пред повеќе од шест месеци.