Наградата за информација што ќе доведе до апсење на Ружа Игнатова, позната како Исчезнатата криптокралица, е зголемена од американските власти на 5 милиони долари. Германката со бугарско потекло (44) ја бара ФБИ за организирање измама со криптовалути од 4,5 милијарди долари наречена уанкоин (OneCoin). Таа се води како исчезната од 2017, кога американските власти потпишаа налог за апсење и истражителите почнаа да се приближуваат кон неа.
Пред три недели, подкаст и документарен филм на Би-Би-Си ги откри нејзините врски со бугарското подземје и осомничениот мафијашки бос вмешан во нејзиното исчезнување и, наводно, во нејзиното можно убиство. Сепак, властите продолжуваат да ја гонат Игнатова.
Во 2022, ФБИ ја додаде на својата топ 10 листа на најбарани, нудејќи награда од 100.000 долари, подоцна до 250.000 долари. Вчера, таа сума се зголеми повторно за дваесет пати, во рамките на Програмата за награда за транснационален организиран криминал на американскиот Стејт департмент.
„Нудиме награда до 5 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење и/или осуда на германската државјанка Ружа Игнатова, позната како ‘Криптокралица, за нејзината улога во една од најголемите глобални шеми за измама во историјата“, соопштија од Стејт департментот.
Таа во моментов е единствената жена која е цел на американската програма. Германските власти веќе поднесоа обвинение против Ружа Игнатова. Во Бугарија, каде Уанкоин оперираше од главнот град, Софија, официјален претставник вчера рече дека Игнатова ќе биде обвинета во отсуство.
САД нудат еквивалентна награда од 5 милиони долари за информации за Даниел Кинахан, именуван како шеф на еден од најголемите европски наркокартели. Истата сума се нуди за информации за Семион Могилевич, за кого се тврди дека е криминален бос со седиште во Русија, и Јулан Адонај Арчага Кариас, познат како Порки, највисокиот член на криминалната банда МС-13 во Хондурас.
Џејми Бартлет, чиј подкаст на „Би-Би-Си“ го привлече глобалното внимание на нејзината приказна, верува дека зголемувањето на наградата е насочено кон луѓето кои можеби сè уште ја штитат.
„ФБИ сега повторно ги фокусира своите напори на луѓето околу д-р Ружа, обидувајќи се да ги искуши нејзините блиски соработници да стапат во контакт. 100.000 долари не би убедиле помлад член на криминален синдикат или личен телохранител да се јави на телефонската линија на ФБИ – тоа е премногу ризично. Но, 5 милиони долари можеби. Веројатно ќе знаеме во рок од неколку недели дали тоа функционира“, вели Бартлет