САД објавија сателитски снимки и разузнавачки информации за да ги поддржат своите тврдења дека Иран стои зад нападите врз нафтените погони во Саудиска Арабија во саботата.
Иран ја демантира својата вмешаност во нападите со дронови, за кои одговорност презедоа хутските бунтовници од Јемен, кои се поддржани од Техеран.
Саботниот напад врз најголемите нафтени погони во Саудиска Арабија го намалија светското снабдување со нафта за пет проценти, додека во исто време порасна нејзината цена.
За разлика од државниот секретар на САД Мајк Помпео, Доналд Трамп не го обвини директно Иран, но кажа дека воена акција е можна откако ќе се утврди виновникот.
Неименуван американски функционер изјави за „Њујорк тајмс“, „Ројтерс“ и Еј-Би-Си дека нападите дошле од запад/северозапад, а не од територијата во Јемен што ја контролираат хутските бунтовници, која се наоѓа југозападно од саудиските нафтени погони. Според него, ова сугерира дека нападот бил лансиран од Иран или Ирак и најверојатно била користена комбинација од дронови и проектили, при што имало 19 експлозии во Абкаик и Кураис.
Два дена по нападите, цената на суровата нафта порасна за 10%, односно на 66,28 долари за барел, што е најголемото покачување за еден ден од Заливската војна во 1991 година. Трамп притоа одобри ослободување на домашни резерви.