Емануел Макрон му кажа на Владимир Путин дека неговата цел е избегнување војна и градење доверба откако стана првиот западен лидер кој допатува во Москва од почетокот на тензиите околу Украина. Францускиот претседател сака да се постави како посредник во кризата, при што не ги дали ставовите на САД, Велика Британија и останатите западни сојузници дека инвазија на Украина може да се случи во секој момент.
„Бараме корисен одговор кој ќе помогне да се избегне војна и да градиме доверба и стабилност. Јас сум разумно оптимистичен, но не верувам во спонтани чуда“, изјави Макрон.
Путин му се заблагодари на Макрон што Франција и тој самиот работат на изнаоѓање решенија за кризата, а сè со цел да се осигура подеднаква безбедност во Европа на подолг историски рок.
„Геополитичката цел на Русија очигледно не е Украина, туку да се разјаснат правилата на кохабитација со НАТО и ЕУ“, кажа Макрон пред патот за Москва.
Русија во изминатиот период распореди 100.000 војници покрај границата со Украина, но тврди дека не планира инвазија, туку е подготвена за неодредени „воено-технички мерки“ ако не се исполнат нејзините барања.
Макрон утре ќе го посети и Киев, а во слична мисија е и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој прво денеска отпатува за Вашингтон на средба со Џо Бајден.