САМИТОТ БЕШЕ ПЛОДЕН И ПОЗИТИВЕН, КАЖАА ПУТИН И БАЈДЕН, КОЈ Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА РУСИЈА СО СТРАШНИ ПОСЛЕДИЦИ АКО НАВАЛНИ УМРЕ

    САМИТОТ БЕШЕ ПЛОДЕН И ПОЗИТИВЕН, КАЖАА ПУТИН И БАЈДЕН, КОЈ Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА РУСИЈА СО СТРАШНИ ПОСЛЕДИЦИ АКО НАВАЛНИ УМРЕПутин и Бајден се сретнаа во вила од 18. век покрај Женевско Езеро (Фото: АП)

    Владимир Путин и Џо Бајден се согласија дека имале многу конструктивни разговори и дека не се почувствувал никаков непријателски однос помеѓу нив откако ја одржаа првата претседателска средба во вила покрај Женевско Езеро. Таа се случи во моментите кога двајцата лидери признаа дека односите помеѓу двете земји се на многу ниско ниво, но најавија дека на самитот не треба да се очекуваат никакви значајни договори и решенија.

    Путин му упати ретки комплименти на Бајден, опишувајќи го како искусен, конструктивен и балансиран државник.

    „Имавме продуктивен, плоден состанок и искрен разговор. Зборувавме детаљно два часа, нешто што не сум го правел со многу политичари. Тој е многу поразличен од претседателот Трамп“, кажа Путин.

    Тој откри дека зборувале за сајбербезбедноста и за наводните руски сајбернапади на САД, но и за Алексеј Навални.

    „Навални знаеше дека ги прекршил постојните закони во Русија и дека е баран, па сепак се врати во Русија и свесно сакаше да биде уапсен. Тој го направи она што сакаше да го направи“, кажа Путин, додавајќи дека не добил покана да ја посети Белата куќа.

    Зборувајќи на одделна прес-конференција, Бајден кажа дека тричасовниот состанок целосно поминал во позитивен тон.

    „Нашата агенда е за американскиот народ, не против Русија. Беше важно да се сретнеме лично за да нема забуна околу неговите намери“, изјави Бајден.

    Тој го предупредил Путин дека Русија ќе се соочи со страшни последици ако во иднина се меша во изборите во САД или ако дозволи Навални да умре. Споредбата што Путин ја направи помеѓу упадот во американскиот Конгрес и затворањето политички противници ја опиша како смешна.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира