Шансите да се заразите со коронавирус значително се намалуваат по само една доза од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ или на „АстраЗенека“, покажа ново големо британско истражување. Двете вакцини добро делуваат и кај лицата над 75 години и кај оние кои имаат хронични заболувања, а истражувањето покажа дека тие предизвикуваат силен имунолошки одговор кај сите возрасти.
Истражувањето се базираше врз тестовите на 370.000 луѓе во Велика Британија и е едно од најголемите досега.
Лицата кои примиле една доза од „Фајзер“ или „АстраЗенека“ имаат 65% помали шанси да се заразат со коронавирус. Три недели по вакцинирањето, што се однесува на периодот од декември 2020 до почетокот на април, симптоматските зарази паднале за 74%, а оние без какви било симптоми за 57%.
Оние кои ја примиле и втората доза на „Фајзер“ имаат 90% помалку шанси да се заразат, а оваа пресметка не можеше да се направи за „АстраЗенека“ зашто премалку луѓе ја примиле втората доза. Студијата покажа и дека двете вакцини се ефективни против британскиот сој на коронавирус.
„Заштитата што се добива од само една доза ја оправдува одлуката да се зголеми временското растојание меѓу првата и втората вакцина на 12 недели“, изјави Кион Пауелс, виш истражувач на Универзитетот Оксфорд.