Катедралата Нотр Дам, едно од обележјата на Париз, ја зафати пожар, потврдија градските власти. Од пожарот падна покривот на главната кула. Заменик-градоначалникот на Париз Емануел Грегоар рече дека има „колосална штета“ откако потврди дека паднал врвот. Тој кажа дека покривот паднал навнатре и дека работниците се борат да ги спасат сите бесценети уметнички дела што може да се спасат.
Претставник на црквата кажа дека гори целата внатрешност на црквата од 12 век и дека најверојатно ќе биде уништена.
Властите велат дека од безбедносни причини не може да се користат авионите за гасење пожари „канадер“ оти еден авион исфрла 6 тони вода при голема брзина, што може да повреди луѓе и да ја оштети структурата на катедралата.
Засега не е позната причината на пожарот, но се верува дека има врска со процесот на нејзино реновирање, вредно 6 милиони евра. Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат густ чад над 850 години старата катедрала. Полицијата изјави дека засега нема податоци за евентуални жртви.
Весникот „Монд“ објави дека пожарот избувнал во поткровјето, по што се проширил на големи делови од покривот.
Претседателот Емануел Макрон го одложи најавениот говор поради пожарот во Париз, и се упатил на местото на настанот. Градоначалничката Ан Идалго ги предупреди граѓаните да се движат на безбедна оддалеченост од катедралата.