Северна Кореја испука проектил над Јапонија, во она што се чини како намерен обид да го привлече вниманието на Вашингтон и Токио. Балистичкиот проектил патувал 4.500 километри пред да падне во Тихи Океан, што е доволно долго за да го погоди американскиот остров Гуам, ако имал поинаква траекторија.
Ова е првиот севернокорејски проектил лансиран над Јапонија од 2017 година. Во Јапонија притоа се огласија сирени за тревога.
Резолуции на Обединетите нации ѝ забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички и нуклеарни оружја.
Жителите на северниот дел на Јапонија, меѓу кои и островот Хокаидо, утрово ги разбуди звукот на сирени и текстуални пораки, во кои стоело „Се чини дека Северна Кореја лансираше проектил. Ве молиме да се засолните во згради или подруми“. Властите подоцна кажаа дека ракетата од среден дострел паднала во Тихи Океан, далеку од јапонското копно и немало повредени. Ракетата притоа постигнала височина од илјада километри.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида го опиша лансирањето како насилно однесување, додека Вашингтон кажа дека ова е опасна и непромислена одлука.
Лансирањето следува додека Јапонија, САД и Јужна Кореја соработуваат за да ги засилат своите одбрани. Минатата недела, тие ги спроведоа првите заеднички воени вежби од 2017.