Северна Кореја претстави нов вид интерконтинентални балистички ракети со голем дострел кои се лансираат од подморница,вчера на прославата по повод 105-годишнината од раѓањето на основачот на земјата Ким Ил-сунг, а лидерот Ким Јонг-ун задоволно ја следеше парадата на моќно оружје во време кога растат тензиите во регионот.
Ким не зборуваше на парадата на преполниот плоштад во Пјонгјанг на која се славеше раѓањето на дедо му, но еден од блиските соработници предупреди дека Северна Кореја ќе се спротистави на секаква закана од САД.
„Ако САД продолжат со провокации кон нас, нашите сили веднаш ќе им се спротивстават на нападите. Со нашето нуклеарно оружје на правдата ние ќе го уништиме нуклеарното оружје на САД“, рече Цои Рион-хе, заменик претседател на Корејската работничка партија.
Ова е првпат Северна Кореја да претстави ваков вид ракети „пукуксон-2“, кои имаат дострел илјада километри.
На парадата маршираа војници, а можеа да се забележат и тенкови, системи за лансирање и друг вид оружје, додека авиони во 105 формации прелетуваа над присутните на манифестацијата.
За разлика од некои други паради, на оваа не присуствуваа кинески претставници. Кина е главен сојузник на Северна Кореја, но таа се изјасни против севернокорејските ракетни и нуклеарни проби и ги поддржа санкциите на ОН против Пјонгјанг.
Група бродови на американската флота, вклучувајќи и носач на авиони, се приближува кон регионот и Северна Кореја.